Манифестацијата за прв пат се одржа во Куманово, а во организација на Регионалната занаетчиска комора во партнерство со Фондација за развој на мали и средни претпријатија Куманово и со поддршка од општина Куманово. Чевлари, кожари, пчелари, резбари, кројачи, месари, козметичари, фризери беа дел од излагачите на саемот. Како што кажаа организаторите саемот ќе биде традиционален и ќе биде организиран во кумановската спортска сала како би имало повеќе простор за стопансвениците.

Димитар Ташевски од Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија кажа дека за прв пат се организира ваков настан кој е од големо значење како за општината така и за стопанствениците.

  • Малите и средните претпријатија се значаен двигател во делот на економскиот развој и се релевантна алка во креирање на бруто домашниот производ во нашата земја. Занаетчиите денеска на саемот својата промоција ја базираат на квалитетот на производите кои ги работат и продаваат. Вакви манифестации се важни за меѓусебна комуникација и за размена на искуство. Во иднина планираме да направиме и саем за франшиза, кажа Ташевски.

  • Даваме пример како се чува и негува, културата, традицијата, старите занаети. Заедно со локалната власт работиме на таа насока да имаме просторија каде ќе се продаваат нивните продукти и општината треба да изнајде соодветно место. Имаме регистрирани десет занаетчии. Ова е поттик да се регистрираат и други и да добијат ваква помош и да бидат повидливи. Имаме повеќе стари занаети во Куманово, но за жал не се регистрирани, и се надеваме дека ќе ги поттикнеме и придобивки ќе имаат сите, изјави претседателот на ЗКРСМ и на Регионалната занаетчиска комора, Агрон Фазлији.

Организаторите размислуваат за регионален, балкански саем на кој ќе учествуваа 300 излагачи од државата и соседните земји.

– Тоа треба да го постигнеме за да бидеме повидливи и поконкурентни на пазарот и фирмите да вмрежуваат, изјави Фазлији.

Градоначалникот Димитриевски кажа дека општината годинава ја зголемила субвенцијата од претходната година од 10 на 15.000 денари за старите занаетчии.

– Размислуваме од наредната година за финансиска поддршка на занаетчиските стартапови кои се иницијатива на младите од средните училишта, по примерот на средно – техничкото и економското училиште, кажа Димитриевски.

Тој потенцираше дека општината е заинтересирана да им отстапи простор за сувенирница на малите занаетчии во занаетчискиот дом, но дека сега просторот го користат деловни објекти.

– Што се однесува до простор или сувенирница којашто е најавена сè уште општина Куманово води постапка за ослободување на постоечките локали од фирмите кои со години ги користат, а дел од нив сега ги имаат узурпирано. Откако ќе бидат ослободени со одлука на советот еден од тие простори ќе биде наменет за сувенирница која ќе биде финансирана од општината, а здружението на занаетчии и комората ќе имаат свој простор каде ќе ги истакнат ракотворбите и ќе имаат своја цена, најави Димитриевски.