По предлог на Управниот одбор и со одлука на Собранието на ЗКРСМ, донесена на 27.6.2026 година, формирани се:

-Национална фризерска секција
-Национална козметичарска секција

За претседател на Националната фризерска секција е избран г. Александар Куновски, а за претседателка на Националната козметичарска секција е избрана г-ѓа Верче Каркалашева
Координатори се г-ѓа Шпреса Селими — за Националната козметичарска секција и
г. Крешимир Здравевски — за Националната фризерска секција.
За првпат во историјата на занаетчиството во Македонија, овие професии добиваат национална организираност во рамките на ЗКРСМ, со избрани претседатели и координатори и со јасна визија и мисија.
Нашата визија: силни, обединети и достоинствено застапени професии, со препознаен квалитет и можности за развој.
Нашата мисија: заштита и унапредување на интересите на фризерите и козметичарите, подобри услови за работа, стручно усовршување и размена на искуства.
Секциите се отворени и транспарентни и работат согласно правилникот на ЗКРСМ. Во нив се спојуваат искуството, мајсторството и иднината на овие професии.
Националната фризерска и Националната козметичка секција се отворени за сите фризери и козметичари од сите регионални комори.Фризерите и козметичарите од регионалните комори во кои сè уште нема формирано секција, доколку сакаат, можат веднаш да се приклучат кон Националната фризерска, односно кон Националната козметичка секција.
Целта е да се обезбеди заедничко претставување, поврзување и унапредување на интересите на фризерите и козметичарите на национално ниво.
Со приклучувањето, тие воедно ќе ги застапуваат интересите на своите колеги од регионалната комора, односно секција. Ќе ги пренесуваат нивните потреби и предлози, ќе ги информираат за активностите и одлуките и ќе учествуваат во одлучувањето согласно правилникот на ЗКРСМ.
Посебна благодарност до извршната директорка, г-ѓа Јелена Спасова, за огромната помош, несебичната посветеност и обезбедувањето на сите потребни услови за работа на двете секции.
Со визијата и поддршката на претседателот г. Агрон Фазлији и Управниот одбор на ЗКРСМ, како и со заедничкиот ангажман на претседателите, координаторите и членовите, нашата држава добива репрезентативни, сериозни и стручни национални секции.
Пред нас се големи настани, стручни средби, едукации и заеднички активности за двете секции — можности да ги покажеме знаењето, креативноста и мајсторството на нашите професионалци.
Честитки до сите! Ова е заеднички успех и одговорност визијата да ја претвориме во конкретни резултати.
ЗКРСМ — со визија, одговорност и дела за занаетчиите